Ординацијата Ви ги нуди следниве здравствени услуги:
- избор на матичен доктор,
- преглед и советување од страна на доктор по општа медицина (матичен доктор),
- издавање на рецепти и упати (специјалистички, болнички, рентген, лабораториски),
- издавање на лекарски уверенија за вработување, престој во странство, државјанство, апликација на ампуларна терапија (интрамускулни, интравенски и субкутани инјекции),
- и друго.
Нашата ординација има склучено договор со Фондот за здравствено осигурување на Р. Македонија.
На чело на ординацијата по општа медицина во Акус Медикус се наоѓа д-р Анита Петревска, специјалист по семејна медицина.
Д-р Анита Петревска
специјалист по семејна медицина
Во 1994 година дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје и се стекнува со диплома доктор по општа медицина.
Во периодот од 1998 до 2014 година работи како медицински претставник и матичен лекар во Куманово и Скопје. Од 2014 година започнува да работи како матичен општ лекар во ПЗУ Д-р Туџарова и Д-р Караџинов Скопје во склоп на Поликлиниката Акус Медикус.
Во 2018 завршува специјализација по семејна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје.
Член е на Лекарска комора на Македонија и ЗЛОМ-СМ.
Што е матичен лекар
Матичен лекар е доктор кој поседува широк опсег на медицинско и хируршко знаење потребно за грижа на пациенти со многу различни болести. Лекар кој најчесто доаѓа во прв контакт со пациентот, освен што ги лекува сите чести акутни и хронични болести, тој се фокусира на здравјето на единката комбинирајќи ги и физичкиот, и психолошкиот, и социјалниот аспект на грижата за пациентот.
Покрај лекувањето, матичните лекари имаат важна улога во промоција на здравјето, едукација на пациентите, како и контрола и превенција на хронични незаразни заболувања.
Зошто е важно да имате споствен матичен лекар
Со избирање и регуларна посета на матичниот лекар Вие всушност добивате лекар кој многу добро ќе Ве познава. Со него градите врска која Ви овозможува да му верувате на Вашиот лекар, да се чувствувате слободно и пријатно во неговото присуство, како и да имате отворена и искрена комуникација. Освен тоа, доколку имате матичен лекар, нема да имате потреба секој пат кога ќе одите на преглед да ја повторувате Вашата историја на болести, ниту кои лекови ги користите, бидејќи Вашиот матичен лекар ќе ги знае сите информации од тој карактер за Вас.
Една од најважните карактеристики на матичните лекари е всушност нивното општо знаење кое ги опфаќа сите делови од медицината, фокусирајќи се на здравјето на пациентот во целина, а не само на одреден дел од телото или една специфична болест. Матичен лекар, со своето опширно знаење, има способности да третира огромен спектар на болести, било да се тие физички или психички.
Обврската на лекарите не е само лекување на сегашните болести. Нивната обврска е исто така да Ве советуваат и предлагаат превентивни мерки како би осигурале дека ќе го живеете животот во најдоброто здравје. Во денешното време кога бројот на хроничните незаразни болести секојдневно се зголемува, многу е битно да ги почитувате советите на Вашиот матичен лекар. Матичен лекар може да Ве советува за:
- сите видови на имунизација кои помагаат да се спречи одредена болест или состојба;
- превентивни мерки за рано откривање или спречување на карциноми на дојка, цервикс, кожа, дебело црево, простата и други;
- намалување на ризик за развиток на кардиоваскуларни болести преку намалување на холестерол во крвта, регуларно мерење на крвен притисок, здрава диета, прекин на пушењето и друго;
- превенција и рана детекција на дијабетес;
- превенција на остеопороза.
Матичниот лекар е целосно посветен на здравјето на пациентот. Тој може да Ве упати, доколку е потребно, на преглед кај други доктори специјалисти, да се консултира со нив за Вашата сојстојба и терапија. Тој има право да Ви издаде рецепт за сите лекови и средтва кои Ви се потребни за третман на Вашето заболување или состојба.
Една од главните задачи на матичните лекари е и контрола на сите хронични заболувања како што се дијабетес, астма, артритис, хипертензија, ангина пекторис, ХОББ, автоимуни болести (лупус, Кронова болест, улцеративен колитис, целијакија, Хашимотов тироидитис и др.), псоријаза и дерматитис, глувост, мултипна склероза, мигрена, остеопороза и многи други болести.
ВАШИОТ МАТИЧЕН ЛЕКАР МОЖЕТЕ ДА ГО КОНСУЛТИРАТЕ И ПРЕКУ ТЕЛЕФОН
Како да ни постанете матичен пациент
Потребно е само да дојдете кај нас и тогаш нашиот лекар ќе пополни со Ваши информации. Електронски формулар се праќа до фондот за здравство.
Изборот на лекар се врши со пополнување на изјава за избор на лекар на образец ИЛ-1 (Пријава за избор/Промена на лекар). Изјавата се пополнува во два примероци од кои едниот останува во здравствениот картон на осигураното лице кај избраниот лекар, а другиот избраниот лекар го доставува до подрачната служба на Фонот за здравствено осигурување, заради евиденција.
Потребно е да ја носите вашата здравствена книшка и доколку претходно сте биле пријавени на друго место да си го земете здравствениот картон.
Кое е работното време на општата ординација
Матичната служба работи од понеделник до петок во две смени.
Доколку некогаш не сте во можност да дојдете во наведените термини, има замена лекар кој работи во обратни смени, така што секогаш ќе бидете покриени за било каков преглед.
Саботите и неделните се неработни денови, но доколку имате итна медицинска состојба матичните доктори на ниво на град Скопје дежураат во здравствените пунктови низ градот.